Кога поради нивото на сериозноста на ризикот не постојат услови за прогласување на воена или вонредна состојба, Владата донесува одлука за прогласување кризна состојба, со рок на траење од 30 дена. Собранието и Претседателот се механизмите што ја филтрираат одлуката согласно Законот за управување со кризи. Притоа, употребата на ресурсите е пропорционална според интензитетот и природата на кризната состојба, разумна според карактерот и сериозна според јачината и обемот на кризната состојба.

      Во кризна состојба можат да се употребат и ресурсите на јавни претпријатија, установи и служби, на трговските друштва од посебно значење за справување со кризната состојба, како и граѓани и други правни лица, во согласност со закон.

 

      Одлука за употреба на ресурсите на територијалните противпожарни единици на Република Македонија и на националните сили за заштита и спасување донесува директорот на Дирекцијата за заштита и спасување.  Предлог до Владата за потребата за учество на дел од Армијата, согласно со Стратегискиот одбранбен преглед на Републиката дава Управувачкиот комитет.

     По предлог на Владата, за учество на дел од Армијата во справувањето со кризна состојба, одлучува Претседателот.