Денеска, директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, оствари средба со проф. д-р Силвана Симоска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје при универзитетот „Кирил и Методиј“ - раководител на научно-истражувачки проект поврзан со управувањето со кризи од ЕРАЗМУС+, програма на Европската Унија наменета да го поддржи образованието, обуката, младите и спортот во Европа.
Директорот Ангелов, прво ја запозна Симовска со позицијата и работата на ЦУК во Системот за управување со кризи и од аспект на законските задачи и од аспект како тоа во пракса функционира при управувањето, координирање, кога има реални кризи. При тоа, посочи дека ЦУК секогаш имал голема поддршка за вакви проекти, а и отвореност за соработка при нивна реализација, особено што освен што се научно-истражувачки, тие се и практично поврзани со менаџментот за кризи.
Инаку, проектот од програмата ЕРАЗМУС+„Интеракција со толкувачи во транзитни зони за бегалци: градење на капацитети и подигнување на свеста во контекст на високото образование“ (Working with Interpreters in Refugee Transit Zones: Capacity building and awareness-raising for higher education contexts („РеТранс“ - ReTrans)) е финансиран од Европската Унија. Целта на проектот, како што информираше пошироко Симоска, е подигнување на свеста кај академската фела, кај надлежните институции, но и кај самите толкувачите за професионален пристап кон толкувањето за јавните служби (Public Service Interpreting – PSI), односно во транзитните зони за бегалци, каде што работат, пред сè, толкувачи лаици кои не се доволно едуцирани за етичките, културолошките и професионалните предизвици со коишто се соочуваат на терен. Овој проект е насочен со помош на најсовремени методологии за едукација и за дисеминација, како што се дигитализацијата, „гејмификацијата“, креацијата на „подкасти“, „водкасти“, „едукасти“(серија од снимки што корисникот може да ги симне на свој дигитален уред и да ги слуша, гледа) и симулации на автентични толкувачки интеракции, да даде свој иновативен придонес за надминување на овој истражувачки и институционален десидерат - празнина, што би требало да се пополни, со којшто се соочуваме во изминативе години и децении како последица на геополитичките миграциски динамики. Конзорциумот на стратешките партнери на „Ре Транс“ го сочинуваат: Универзитет во Виена (Universität Wien/University of Vienna), Австрија, носител на проектот; Универзитет „Св. Кирил и Методиј во Скопје“ (Ss. Cyril and Methodius University in Skopje), Р.С. Македонија; Дунавски универзитет Кремс (Donauuniversität Krems/Danube University Krems), Р. Австрија; Универзитет во Марибор (Univerza v Mariboru/University of Maribor), Р. Словенија; Јонски универзитет, Крф (Ιόνιο Πανεπιστήμιο, Ionian University, Corfu), Р. Грција.