Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, денеска присуствуваше и говореше на работилницата и панел дискусијата на тема " Имплементација на европскиот единствен број за итни повици 112 во Република Северна Македонија - техничко решение, предизвици и придобивки" организирана од Здружението ЕТАИ во соработка со Центарот за управување со кризи, како
носител на проектот, и Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

Целта на настанот е да се опишат и дискутираат техничките аспекти на решението, спецификите и предизвиците за негова имплементација и придобивките за директните корисници и општеството во целина.

 

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов во својот говор истакна дека " Во Центарот за управување со кризи е формиран посебен сектор (112), кој веќе неколку месеци работи успешно. Нормално секојдневно се соочуваме со предизвици кои ги решаваме во од затоа што бевме свесни дека ќе има ситуации за кои однапред немаме решение", и посочи дека: "За нас е битно дека граѓаните го прифатија и го користат бројот за итни повици 112“.
Учесниците на панел дискусијата разговараа и за фазите на имплементацијата на новиот итен број, актуелната законската регулатива, улогата на телеком операторите и АЕК при воведувањето и функционирањето на новиот систем, како и оперативните предизвици и ризици на новиот систем и негово одржување во целосна функционалност во услови на редовно работење, но и во вонредни услови.
Линијата за итни повици 112 во Република Северна Македонија за првпат беше пуштена во работа годинава во февруари. Со повикување на овој број, наместо на 192, 193, 194 и 195, за полиција, брза помош, противпожарна единица или Центарот за управување со кризи, граѓаните можат да ја добијат која било услуга доколку имаат каков било итен случај и потреба од државата. Станува збор за комплексен систем што обединува неколку различни субјекти, министерства, противпожарните единици коишто со Устав се децентрализирани односно се во надлежност на самите општини и итната медицинска помош.