На ден 13.04.2022 година се одржа 48 седница на Регионалниот штаб за управување со кризи Кичево. Покрај членовите на РШ на седницата присуствуваа претставници од Општина Кичево, МЗШВ ПЕ Кичево, ЈП МШ подружница ШС Лопушник Кичево, шумска полиција Кичево и касарната Кичево.
На седницата се дискутираше за подготвеност на субјектите на локално ниво за справување со шумски пожари и пожари на отворен простор, како и за мерките и активностите за превенцијата.
Раководителот на РЦУК Кичево Сузана Тасевска во своето излагање истакна дека во 2021 година справувањето со пожарите беше добро, а соработката со ШС Лопушник е одлична и за сите настанати пожари РЦУК Кичево бил редовно известен.
Зоран Крстески, раководителот на ШС Лопушник извести дека имаат план за заштита од пожари и располaгаат со 6 обучени тимови за гасење шумски пожари. Им се јавува недостаток на техничка опрема, особено теренски возила опремени со специјализирани пумпи за гасење шумски пожари. Во моментов имаат итна потреба од барем една специјализирана пумпа која би ја монтирале на нивно теренско возило и која ќе им овозможи брзо делување и гасење на шумските пожари.
Гоце Богданоски, член на РШ од ДЗС Кичево во своето излагање образложи дека ПО ДЗС – Кичево во моментов не располага со теренски возила и доволно техничка опрема. Објасни дека не треба да се ангажираат воздухопловите од ДЗС за мали шумски интервенции, освен во случаи кога има загрозено население и витални објекти. Доколку има потреба се ангажираат републичките сили за заштита и спасување.
Игор Пејоски, претставник од општина Кичево, рече дека оваа година, во овој период има 38 пожари повеќе за разлика од лани. Општината има изработено план за заштита и спасување, и предвидено е формување на специјализирана единици за дејствување при ризици и опасности. На последната седница на советот на општината Кичево усвоен е стратешки план за намалување ризици од природни несреќи и катастрофи за период 2021-2026 година. Овој документ е изработен во соработка со институтот за демократија, а во изработка редовно учествуваше раководителот на РЦУК Кичево Сузана Тасевска.
Врз основа на дискусиите се донесоа следните заклучоци:
1. Членовите на РШ да бидат во постојана координација и по потреба да се одржат координативни состаноци во потесен состав заради договорање превентивни активности
2. Општината Кичево да контактира со месното население заради информирање за опасноста од палење на оган на отворен простор
3. Да се засили контролата од шумско чуварските служби и полициските службеници на местата каде секоја година се случуваат пожари
4. Институциите од Системот за управување со кризи да се придржуваат и да ги реализираат своите оперативни планови за работа и проценки за заштита од пожари на отворено место
5. ШС Лопушник Кичево, ПО ДЗС Кичево и ТППЕ Кичево да достават барања до предметно надлежните институции за итна набавка на најнеопходните МТС за гасење на шумски пожари и пожари на отворен простор