Во периодот од 08 до 17 јуни 2021 година во Охрид се реализираат подготовки за вежбата „Северна Македонија 2021“, што во организација на НАТО Евроатлантскиот центар за координација на одговор при катастрофи (EADRCC) ќе се одржи во септември 2021 година на подрачјето на Охрид и Струга.

Подготовките вклучуваат посета на НАТО главниот планирачки тим и воедно реализација на финалната планирачка конференција за претстојната вежба. Настанот е во коорганизација на NATO EADRCC и Центарот за управување со кризи (ЦУК) и во подготовките и финалната планирачка конференција учествуваат претставници на повеќе институции од Системот за управување со кризи на Република Северна Македонија и членови на НАТО главниот планирачки тим.

На почетокот на финалната планирачка конференција која започна денеска, 14 јуни, 2021 година, воведни обраќања имаа министерот за внатрешни работи на РС Македонија, Оливер Спасовски, в.д директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, координаторот на вежбата од страна на НАТО, Вим Ванхаме, Воено аташе Амбасада на САД, полковник Питер Ровел и директорот на вежбата од страна на РС Македонија, д-р Урим Вејсели.

Во своето обраќање, в.д директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов се заблагодари на претставниците на главниот планирачки тим на НАТО како и на националниот тим, кои несебично помогнаа во администрaтивните подготовки и организација на подготвителниот процес. Како што истакна Ангелов, за Центарот за управување со кризи како дел од безбедносниот систем, членството во НАТО е придобивка сама по себе, а можноста за збогатување на знаењата и продлабочување на искуствата, да се тренира и учи под знамето на НАТО значи да се биде дел од интегриран и високо – обучен систем на чија поддршка може да се смета во секое време и во секоја ситуација.


„Република Северна Македонија подготвено ги презеде одговорностите и обврските што произлегоа од полноправното членство во Алијансата, вклучувајќи го и долгорочниот придонес кон регионалната и евроатлантската безбедност и стабилност. Стабилна и безбедна држава како полноправна членка на НАТО Алијансата е огромен чекор напред за развојот и просперитетот на нашата земја, но и на целиот регион. Само заедно можеме да ги надминеме предизвиците и заканите на новото време и да се залагаме за вредностите во кои веруваме“, рече Ангелов во своето обраќање.

Понатаму, тој потенцираше дека Центарот за управување со кризи во голема мера се обиде да создаде ефикасен систем за управување со кризи, истовремено обезбедувајќи функционално единство на националните институции, локалната самоуправа, невладиниот сектор и академската заедница. Вклученоста во претстојната НАТО вежба би требало да претставува привилегија за сите учесници, бидејќи претставува одлична можност за поддршка на националните власти и градење на нашите капацитети преку подобрување на готовноста при природни катастрофи и катастрофи предизивикани од човек, подобрување на планирањето, превенцијата и одговорот, и со тоа ќе се зајакнат националните капацитети за одговор при итни ситуации. Размената на достигнувањата и научените лекции од предизвиците со кои глобално се соочуваме, се многу важни компоненти во процесот на планирање на ресурси и поголема подготвеност за превенција и рано предупредување.


„Во овој контекст, би сакал да истакнам колку е важна дигитализацијата на системот за управување со кризи преку НИКС системот “Следна генерација на Инцидент Команд Системот“ во Република Северна Македонија. НИКС како алатка за просторно прикажување на податоците во реално време овозможува брза и ефикасна комуникација и координација помеѓу субјектите при донесување одлуки за ефикасно ракување, целосно и вистинито информирање на медиумите и обезбедување и напредни информации за граѓаните во реално време со зголемување на знаењето за ризик и подигнување на свеста. Токму претстојната НАТО вежба ќе биде одлична можност да се тестира функционалноста и оперативноста на овој систем“, заврши Ангелов и им посака плодна работа на сите учесници и ова искуство успешно да се пренесе на претстојната вежба во септември.