Од УХМР известуваат дека врнежите кои паднаа изминатиот период предизвикаа будење на водотеците низ земјава кои до тогаш беа со подпросечни вредности на водостоите, како резултат на исклучително сушниот период пред тоа (особено месец ноември 2020 година). После синоќешните врнежи зголемен е водостојот на повеќето реки низ земјава, а на дел од нив има и значително високи водостои. Особено висок беше водостојот на река Радика кој за време на ноќта достигна H=177 sm на хидролошката станица Бошков Мост и бележи континуирано зголемување последните два дена (во кои има пораст од 100 см). Осетно зголемен беше и водостојот на нејзината најголема притока, р.Мала Река, чиј водостој се зголеми за 50 см во однос на вчерашниот и достигна H=112 sm (на хидролошката станица Елен Скок). Исто така висок беше и водостојот на р.Сатеска кој се зголеми за 60 см во последните два дена. Пораст на водостојот имаа и водотеците кои доаѓаат од планинскиот масив Шар Планина (особено р.Бистрица и р.Маздрача), како и на водотеците од планинскиот масив Кораб (десните притоки на р.Радика). Од хидролошките станици регистрираме зголемен водостој и на р.Треска во Македонски Брод, каде има пораст на водостојот од 52 см во однос на вчерашниот. Иако врнежите во источните делови од земјата беа послаби и таму се регистрирани зголемувања на водостоите, како резултат и на врнежите во изминатиов период таму кои ја зголемија влажноста на земјата и подготвија основа за поголема реакција на речните сливови (зголемен е коефициентот на истекување). Пораст на водостојот е забележан на р.Крива во Крива Паланка и на р.Пчиња на хидролошките станици во Пелинце и Катлановска Бања (каде се очекува натамошен пораст во текот на денешниот ден).
Во вечерните часови и за време на ноќта се најавуваат нови врнежи, пообилни во западните делови каде на места локално се прогнозираат над 30 л/м2. Вкупно за наредните два дена во западните делови на места се очекува врнежите да надминат и 50 л/м2. Во тие делови од земјата се очекуваат значително вискои водостои, полнење на речните корита како и локални излевања. Ова особено се однесува на р.Радика, р.Сатеска, р.Коселска и р.Голема (Ресенска) во чиви сливови се можни излевања на реките. Исто така, висок водостој и полнење на речното корито се очекува на р.Треска, (каде се можни локални излевања во тој слив, во Пласниица и на помалите притоки), а исто така и самата р.Треска се очекува да има полно корито. Зголемен водостој се очекува и во горниот дел од сливот на р.Црна и на нејзините помали притоки. Иако според моменталниот водостој сеуште има простор за полнење, висок водостој се очекува и на р.Вардар во нејзиното горно течение, заедно со нејзините притоки во тој дел. Иако во источниот дел врнежите се очекува да бидат послаби, сепак висок водостој и можни слаби локални излевања се можни во сливот на р.Крива, р.Кумановска и р.Пчиња.
Предупредуваме на крајно претпазливо и внимателно движење (по можност да се избегнува) покрај реките и суводолиците низ земјава поради опасност од нивно излевање. Ова најмногу се однесува на водотеците во западниот дел од земјата каде врнежите ќе бидат пообилни и има опасност од нивно излевање, но и на тие од источните делови каде се очекуваат високи вредности на водостоите.