Во Центарот за управување со кризи, ЦУК, се одржа подготовка во рамки на обуката на припадници на „Балкански медицински наменски сили“ за кризен менаџмент согласно осовременувањето преку НАТО веб-базираната комуникациска платформа за управување со кризи „Следна генерација на Систем за командување и управување со инциденти“ - НИКС (Next-Generation Incident Command System – NICS), што е дел од проектот „Напредна регионална координација при цивилни итни состојби“ во Западен Балкан (ARCECP). Тоа е во контекст за да се овозможи подобрување и оспособување на националните воено-медицински капацитети, зајакнување на регионалните воено-медицински капацитети за поддршка на цивилната заедница и оспособување на националните воено-медицински служби за изградба на стандардизирани капацитети со високо ниво на интероперабилност во Регионот. Обуката ја водеше д-р Урим Вејсели од ЦУК.

 

Инаку, иницијативата „Балкански медицински наменски сили“, БМНС, (Balkan Medical Task Force - BMTF) претставува проект од сферата на современата „паметна одбрана“ („Smart Defence” - проект што е презентиран во рамки на Самитот на НАТО во Чикаго 2012) и произлегува од идејата на Норвешка и САД, а e инициран заедно со Република Северна Македонија и Србија. Членки од Регионот, покрај нашата земја, се: Албанија, БиХ, Словенија, Србија и Црна Гора. Инаку, со ратификацијата на Меѓународната Спогодба од сите земји членки, БМНС официјално е воспоставена на 5 март 2018 година. Целта на овој проект е изградба на регионални медицински капацитети способни за брз одговор на широк спектар на ситуации (катастрофи предизвикани од природни или човечки причини и меѓународни операции) и оспособување на нациите за обезбедуваење на витални капацитети за потребите на меѓународните операции, а коишто би можеле да се употребат и како дел од националната медицинска служба.