Битолски регион
Во текот на вчерашниот ден во општина Прилеп, ТППЕ Прилеп интервенира на пожар кај селата Крушевица – Подмол. Во гаснењето на пожарот интервенираа 11 пожарникари со 5 ПП возила и 8 лица од месното население.
Во текот на вчерашниот ден започнал и пожар во атарот на с.Топлица. Во гаснењето на пожарот интервенирале екипи од ТППЕ Прилеп и ТППЕ Кавадарци, како и јавните претпријатија од Прилеп. Поради силниот ветер, пожарот се ширел со голем интензитет, поради што сообраќајот Прилеп – Росоман во атарот на селата Тројаци и Топлица од 15:40 до 23:00 часот бил затворен за сообраќај. Во меѓувреме, повремено се пуштале возила наизменично. На терен во текот на ноќта останале дежурни екипи од ТППЕ Прилеп.
Има и активен пожар помеѓу селата Дебреште и Зрзе. Интервенирале ТППЕ Прилеп со 3 пожарникари и 1 ПП возило.
Поради интензитетот на неколкуте пожари, нешто по полноќ, во 00:10 часот, одржан е Општински штаб за заштита и спасување каде што е одлучено на ден 14.09.2019 година, преку ЕЛС Прилеп и Јавните претпријатија да се ангажираат 60 лица за гаснење на пожарите и 15 ПП работници од ТППЕ Прилеп. Истите ќе бидат распоредени на пожарите во с.Топлица; кај с.Дебреште и Зрзе и на пожарот кај с.Подмол.
Во врска со пожарот кај с.Топлица, поради прекинот на сообраќај во текот на вчерашниот ден, на патниот правец Градско – Прилеп била создадена 6 км колона од возила. Поради подолгиот застој Полициската станица Кавадарци побарала помош за доставување на вода до лицата во колоната. Од страна на РЦУК Велес, а во соработка со ЕЛС Кавадарци бил организиран пункт за дотур на вода. Градоначалникот на општина Кавадарци донирал една палета вода која била доставена до лицата кои биле во колоната со возила.
ТППЕ Битола известува дека во текот на вчерашниот ден од 14:00 часот пожарот во атарите на селата Мусинци и Мојно повторно е активен. Во гаснењето на пожарот интервенирале 6 пожарникари со 3 ПП возила. Пожарот сеуште е активен и се интервенира да не се прошири према с.Црничани. Интервенирале и 30 лица од месното население. Од утринските часови повторно интервенира ТППЕ Битола.
Струмички регион
Во текот на вчерашниот ден околу 11:00 часот започнат е шумски пожар помеѓу селата Стиник и Самоилово, кај м.в.Китка. Гори нискостеблеста деградирана шума, а интервенираат 3 пожарникари со 1 ПП возило и 4 лица од ШС Беласица – Струмица. Од утринските часови на терен интервенираат 15 лица од ШС, а доколку има потреба ќе се вклучат уште 10 лица.