Во рамките на воспоставената трилатерална соработка помеѓу Република Северна Македонија, Република Албанија и Република Косово чија главна цел е имплементација на “Програмата за регионална соработка на полето на управување со итни и кризни состојби“, на ден 26.06.2019 година во Центарот за управување со кризи се одржа работен состанок на највисоките раководители г-дин Агрон Буџаку - директор на Центарот за управување со кризи и г-дин Фадил Кодра - директор на Агенцијата за управување со цивилни вонредни состојби на Република Косово. Во организација на Раководителот на трилатералната работна група г-дин Урим Вејсели, учество земаа и останатите членовите на трилатералната работна група од Република Северна Македонија и Косово.
На состанокот учество земаа и претставниците од TURM Solutions – Germany: г-дин Ortwin Neuschwander – директор и г-дин Feliks Vainik – меѓународен менаџер за продажба, а од Министерството за внатрешни работи на Австрија учество зема г-дин Robert Stocker – раководител на Секторот за управување со кризи и катастрофи. Тие ја претставија платформата KATWARN која служи за информирање на популацијата за настанати инциденти и несреќи со цел ефикасна превенција. Оваа платформа е имплементирана во Геманија, Австрија и останатите европски земји и таа претставува безбеден и сигурен систем за прецизно информирање на евентуални ситуации на предупредување и загрозеност на населението.
Воедно беа претсавени и новите можности за изнаоѓање поддршка во имплементација на Програмата од страна на г-ѓа Birgit Moller, интегриран експерт ангажиран во Центарот, а која се однесува на преземање мерки во областа на превенција, рано предупредување и управување со кризи; обезбедување помош во материјални добра, човечки потенцијал, експерти во одредени области и останати форми на помош во справување со итни состојби; помош при комуникација, координација и соработка за собирање, анализа и размена на информации; обука на персонал; планирање и изведување заеднички вежби; планирање, учество и имплементација на заеднички проекти.
На состанокот беше истакнато дека заедничките проекти претставуваат ефективен механизам за промовирање на регионалното водство, соработка, менторирање и зајакнување на регионалната доверба. Со тоа се обезбедува одлична можност за идентификување на нови приоди и можности за регионалните експерти на полето на управувањето со кризи.