Во рамките на “Проектот за градење на капацитети за екосистемски-базирано намалување на ризици од катастрофи (Eco-DRR) преку одржливо управување со шумите во Република Македонија”, поддржан од Агенцијата за меѓународна соработка на Јапонија на ден 06.05.2019 година одржана е тематска работилница која претставува продолжение на повеќегодишната проектна соработка која се реализира помеѓу ЦУК и институциите од Шумарскиот сектор, од една страна  и Агенцијата за меѓународна соработка на Јапонија.

Тематската работилница претставува сеопфатна, стручна и експертска дебата посветена на Националната правна рамка од областа на шумарството, со цел да се согледаат сите потребни предуслови за законско врамување на концептот за Еко-ДРР преку мултифункционалната искористеност на шумите со посебна нагласеност на нивните заштитни функции.

                На работилницата со свои претставници учествуваа Центар за управување со кризи, експерти од тимот на ЈИЦА, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Државен испекторат за шумарство и ловство, Шумска полиција, ЈП Национални Шуми, УКИМ - Шумарски факултет, Министерство за животна средина и просторно планирање, ЈУЗПП Јасен, Град Скопје.

                Преку овој проект во нашата земја ќе биде применет концептот на екосистемски-базирано намалување на ризици од катастрофи (Eco-DRR), со крајна цел да се намали интензитетот и фреквентноста на природни непогоди, како што се поројните поплави, лизгање на земјиштето и ерозија на почвата, кои во последните години предизвикуваат големи физички штети, социо-економски последици и доведуваат до тешка деградација на природната средина.

               Основните резултати кои се очекува да бидат постигнати преку имплементацијата на овој проект се однесуваат на следните две области:

 (1) Зајакнување на националните капацитети за координација помеѓу домашните релевантни институции во системот за управување со кризи преку надградба и проширување на функциите на постоечкиот Македонски информативен систем за шумски пожари – MKFFIS, со воведување на нови модули за превенција, рано предупредување и справување со поројни поплави, лизгање на земјиштето и ерозија на почвата, и

 (2) Подобрување во националното управување со шумите со воведување на нови практики и технологии со цел да се зајакне и прошири заштитната функција на шумите и преку тоа, на долгорочна основа да се намалат ризиците од природни непогоди, пред се од поројни поплави, лизгање на земјиштето и ерозија на почвата.

Во имплементацијата на проектот од Македонска страна, покрај ЦУК, како партнери и соработници активно се вклучени институциите од областа на шумарството и животната средина, како што се ЈП Национални шуми, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за животна средина и просторно планирање, Шумарскиот факултет при УКИМ и други.

Бидејќи во текот на имплементацијата на проектот ќе бидат спроведувани практични теренски активности за санација на високоризични локации, посебно место и улога ќе има и вклучувањето на Единиците на локалната самоуправа и Јавни претпријатија формирани од нивна страна, како и локалната зедница, односно граѓаните кои се директно изложени на ефектите од природните непогоди.

Со ваквиот концепт на имплементација, овој проект воведува еден сеопфатен пристап и широка инклузивност на сите засегнати страни, со што се очекува да се обезбеди висока одржливост на постигнатите резултати. Во таа насока, кога станува збор за оддржливоста на постигнатите резултати, а со тоа и заживување на Еко-ДРР концептот, како прва и неопходна работа е донесување на соодветна законска основа преку која надлежните институции ќе можат да спроведуваат меѓуресорски координирани активности за превенција и намалување на ризици од катастрофи.

                Одржаниот  форум обезбедува добра и квалитетна почетна дебата со цел да се идентификуваат потребните чекори за законско врамување на Еко-ДРР концептот во правната рамка од областа на шумарскиот сектор, како и потребната временска динамика за нивно спроведување.