Центарот за управување со кризи и ЈП Македонски Шуми во соработка со Агенцијата за меѓународна соработка на Јапонија (JICA), започнаа со имплементација на Проектот за Градење на капацитети за намалување на ризици од катастрофи во областа на животната средина, преку одржливо управување со шумите. Времетраењето на овој проект е пет години, од 2017 до 2022 година. Основната цел на овој проект е да се развие модел на Екосистемски-базирано намалување на ризиците од катастрофи (Eco-system based Disaster Risk Reduction - ECO-DRR) во Република Македонија против природни непогоди, преку употреба на повеќекорсничката намена на шумите, односно зајакнување на нивната заштитна функција.  Крајната цел на проектот е, на долгорочна основа да се намалат ризиците од поројни поплави, лизгање на земјиштето, ерозија на почвата и шумските пожари. 

Во рамките на работната програма на овој проект, во период од 22 јули до 02 август 2018 година беше реализирана посета на Јапонија од страна на 5 лица од Центарот за управување со кризи и ЈП Македонски Шуми, предводена од директорите на двете институции, г-дин Агрон Буџаку и г-дин Зоран Ѓорѓиев. Целта на оваа работна посета беше преку посебна програма за обуки да се разменат искуства и добри практики од значење за проектот, како и да се остварат контакти и средби со релевантни институции од Јапонија кои ќе имаат своја вклученост во реализацијата на проектните активности кои треба да се имплементираат во Р. Македонија во периодот до 2022 година.

На почетокот од работната посета, претставниците од Р. Македонија беа примени од страна на Заменик претседателот на Агенцијата за меѓународна соработка на Јапонија (JICA), г-дин Маеда Шигеру  и од Генералниот директор на Агенцијата за шуми на Јапонија, г-дин Коџи Хонго. Во понатамошниот дел програмата беа остварени предавања во врска Еко-ДРР концептот од страна на релевантни високо научни установи, како што Националниот институт за развој на шумарството и Универзитетот во Кјото. Исто така беа реализирани теренски посети со обсервации на реализирани и тековни активности на еко-инженерски мерки со цел да се превенираат и намалат ризиците од геолошки карактер, како ерозија на почвата, свлешишта и поројни поплави.

На крајот од реализацијата на оваа програма беше одржан состанок за заедничка евалуација на вклучените теми и активности, каде од двете страни беше заклучено дека оваа можност директно да се согледаат искуствата и методите кои се применуваат во Јапонија ќе бидат од голема корист во текот на имплементацијата на Проектот за Градење на капацитети за намалување на ризици од катастрофи во областа на животната средина, преку одржливо управување со шумите.