Денес 27.4.2018 година, во Центарот за управување со кризи се одржа седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, со следниот дневен ред:
1.Информирање за подготвеноста на надлежните институции во Република Македонија при евентуална појава на пожар, потребата од преземање на итни мерки за справување со истите при нивна појава и подготовка на итен план на активности;
2.Разгледување на Записникот од седницата на Групата за процена, одржана на 27.04.2018 година, во врска со предлогот за продолжување на кризната состојба на подрачјата на јужната граница и северната граница на Република Македонија;
Во врска со првата точка на дневниот ред беа донесени следните заклучоци:
- Центарот за управување со кризи, во најкраток можен рок, да формира оперативно координативно тело за заштита на шумите од пожари во претстојниот период, со претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за транспорт и врски, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Управата за хидрометеоролошки работи, ЈП Македонски шуми, Шумската полиција и ЗЕЛС, како и да определи лице кое ќе биде одговорно за координирање на ова оперативно тело, со цел навремено координирање на активностите во насока на преземање на соодветни активности за спречување на појава на пожари на територијата на Република Македонија.
Горе наведените институции, итно да номинираат членови до Центарот за управување со кризи, но не подоцна од 3.05.2018 година (среда).
- Центарот за управување со кризи, да ги спроведе и операционализира препораките и насоките разгледани и усвоени на седницата на Главниот штаб за управување со кризи, одржана на 12.04.2018 година.
- Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, доколку оцени за потребно, да воведе ограничување на движењето на сите лица во шумите во шумскиот појас, (по процена во кои термини од ____ часот наутро до ____ часот попладне), со исклучок само ако лицето има добиено соодветна дозвола од ЈП „Македонски шуми“).
Доколку се воведе вакво ограничување, истото да не важи за вработените во ЈП „Македонски шуми“, а во периодот од ____ часот попладне до ____ часот наутро, да биде дозволено движење на сите лица во шумите и шумскиот појас.
Истовремено, по исклучок, ова ограничување да не важи за организирана тура на туристи за туристичкото разгледување на шумите во шумскиот појас и националните паркови во Република Македонија, која ќе биде во придружба на претставник од ЈП „Македонски шуми“ или националните паркови.
- Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да ја информира соодветно јавноста за постоење на забраната за палење на стрништата како превентивна мерка за заштита од појава на шумски пожари и за опасноста од настанување на шумски пожари, за штетните последици од шумските пожари, за нивна превенција, како и за висината на казните за предизвикување на пожари согласно одредбите од Законот за шуми.
- Државниот инспекторат за земјоделство, во координација со Државниот инспекторат за шумарство и ловство, да преземаат мерки за превенција од пожари предизвикани од палење на стрништа, како и засилени контроли на терен во претстојниот летен период.
- Државниот инспекторат за шумарство и ловство и ЈП за стопанисување со пасиштата, преку своите служби, да ги известат корисниците на дивечот во ловиштата и корисниците на пасиштата, за можна потреба од нивно превентивно вклучување во заштитата од евентуалана појава на пожар.
- ЈП Македонски шуми, Шумската полиција, Националните паркови и ЈП за стопанисување со пасишта, да ги известат сите вработени и концесионери, за можноста од користење на бесплатниот телефонски број 195 во случај на забележани пожари на отворен простор.
- ЈП Македонски шуми, врз основа на изготвени оперативни планови за заштита од шумски пожари, да изврши распоредување на сите мобилни екипи на шумската полиција на терен, со цел обезбедување на засилени контроли во претстојниот период.
- Министерството за внатрешни работи, Граничната полиција и Шумската полиција да да го интензивираат патролирањето и легитимирање во шумските предели во претстојниот период.
- Заедницата на единиците на локалната самоуправа и сите единици на локалната самоуправа во Република Македонија:
- да ја зголемат соработката и координацијата со регионалните центри за управување со кризи, користењето на контактите преку бесплатниот телефонски број за итни повици 195, кој е 24 часа достапен на целата територија на Република Mакедонија.
- да ги ажурираат податоците за ресурсите од јавните претпријатија и трговските друштва во нивна надлежност кои може да се стават на располагање во случај на потреба и појава од пожари на отворен простор.
- по искористувањето на сите локални човечки и материјално -технички ресурси да бараат помош од ресурсите на државно ниво и од Дирекцијата за заштита и спасување.
- во целост да го спроведуваат Законот за заштита и спасување во однос на ангажирање на сите персонални и материјално - технички ресурси при спроведување на акциите за заштита и спасување при евентуална појава на пожари.
- да ги задолжат општинските јавни комунални претпријатија и противпожарните единици да имаат постојано и континуирано организирани екипи (или дежурства) во претстојниот период.
- во претстојниот период да одржат состаноци со надлежните институции на локално ниво, јавни претпријатија и концесионери на ловишта и пасишта, со цел следење на состојбата при евентуална појава на пожари во нивната општина.
- да формираат локален координативен штаб кој ќе ги стави во подготвеност сите материјално – технички и оперативни ресурси во функција на превенција и справување при евентуална појава од пожар, како и да достави контакт од одговорно лице до Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи, со цел подигнување на свеста и системот на дејствување на повисоко ниво.
- ЈП Македонски железници инфраструктура, МЖ транспорт АД Скопје, ЈП Македонијапат и ЈП за државни патишта, веднаш да го отстранат горливиот материјал (сува трева и ниски растенија) во близина на пругите, односно на железничките правци и на автопатиштата каде што постои изразена опасност од опожарување.
- Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи, при итни и неодложни потреби да го информираат Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, со цел потоа да се достави усогласен предлог до Владата на Република Македонија.
- Во текот на првата недела од мај 2018 година да се одржи тематска седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, во врска со надлежностите, ресурсите, подготвеноста и системско дејствување на институциите при појава од пожари во Република Македонија.
За оваа цел, Дирекцијата за заштита и спасување да испрати писмен допис/барање до сите градоначалници во Република Македонија, како и до сите засегнати институции (Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Министерството за транспорт и врски, Министерството за здравство, Армијата на Република Македонија, ЈП Македонски железници инфраструктура, МЖ транспорт АД Скопје, ЈП Македонијапат и ЈП за државни патишта, со цел нивно итно писмено произнесување/доставување одговор до Дирекцијата за сите расположливи ресурси и капацитети, како и законските надлежности во случај на појава на пожар.
- Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, заклучоците од оваа седница, заедно со Оперативните мерки и процедури за справување со пожари на Дирекцијата за заштита и спасување да ги достави до сите единици на локалната самоуправа.
- За горенаведените заклучоци, во текот на денешниот ден соодветно да биде информирана јавноста.
Во однос на втората точка беа донесени следните заклучоци:
- Го усвои Записникот од седницата на Групата за процена, одржана на 27.04.2018 година, односно го прифати предлогот за продолжување на кризната состојба до 31 декември 2018 година на подрачјата на јужната граница и северната граница на Република Македонија, врз основа на констатираните услови, констатираните безбедносни состојби и ризици, како и потребата од рационално користење на националните ресурси и сознанија од понатамошно постоење на висок ризик од илегална миграција.
- Предлогот за продолжување на кризната состојба на подрачјата на јужната граница и северната граница на Република Македонија да се достави на разгледување и утврдување на првата наредна седница на Владата на Република Македонија.
- Барањето/предлогот за продолжување на кризната состојба на подрачјата на јужната граница и северната граница на Република Македонија, по негово разгледување и утврдување од страна на Владата на Република Македонија, да се достави на разгледување и одлучување до Собранието на Република Македонија.
- Армијата на Република Македонија да продолжи со ангажирање на сили и средства во поддршка на Министерството за внатрешни работи при справувањето со мигрантската криза на подрачјата на јужната граница и северната граница на Република Македонија, согласно потребите и развојот на ситуацијата.