СТУДЕН БРАН
(заладување, врнежи од снег, формирање на снежна покривка)
Според Управата за хидрометеоролошки работи од денес ќе бидеме под влијание на многу студена и влажна воздушна маса што ќе услови заладување и врнежи од снег во целава земја. Пообилни врнежи ќе има денес во текот на ноќта и во понеделник претпладне кога насекаде ќе се формира снежна покривка (на пониските места околу 10-15 см, а на планините ќе се зголеми над 30 см). Ќе дува умерен, долж Повардарието и засилен северен ветер.
Во вторник слаби врнежи од снег се уште ќе има само во западните делови од земјава, во останатите ќе настапи делумно разведрување што ќе се задржи и во среда.
До четврток температурите ќе бидат значително под просекот за овој период од годината. Вредностите на дневната температура речиси насекаде ќе се задржат под нулата. Утринските температури од вторник до четврток на места ќе се спуштаат и под -10 степени.
Врнежи од снег ќе има и во Скопската Котлина, почнувајќи од утре претпладне, а пообилни ќе бидат ноќта кон понеделник. Ќе се формира и снежна покривка од околу 10 см.