--- Линк од МИА --- Интервју со директорот на ЦУК м-р Агрон Буџаку за МИА
Г-дин Буџаку, деновиве е актуелен еколошкиот проблем откако се запали дивата во Струга. Пожарот е локализиран. Кои мерки ги преземавте за нормализирање на состојбата?
- Центарот за управување со кризи како и во сите други случаи кога има ризик за добрата, здравјето и животот на луѓето и животните, а се настанати од природни непогоди и епидемии или други ризици и опасности кои директно го загрозуваат уставниот поредок и безбедноста на Република Македонија, реагира во согласност со надлежностите и оперативните постапки кои опфаќаат прибирање на информации, процена, анализа на состојбата, утврдување на целите и задачите, развој и спроведување на потребните дејствија за справување. Во конкретниот случај ЦУК, согласно надлежностите, ги прибра потребните податоци, истите ги анализираше, ја
процени ситуацијата и соодветно информираше за состојбите заради законита употреба на соодветните ресурси кои мора да бидат пропорционални според природата и интензитетот на настанот (во случајот пожар на депонија); разумни според карактерот на пожарот и сериозни според јачината и обемот на пожарот на депонијата. Употребата на ресурсите ја спроведуваат функционерите кои раководат со органите на општините и органите на државната управа.
Според некои информации, во Македонија има околу 50 диви депонии. Дали имате увид каде се има вакви депонии и колку ЦУК е подготвен да се справи со евентуалните пожари?
- Пожарите на депонии се честа појава насекаде во светот пред се заради присуството на горлив материјал (метан) кој се јавува со распаѓањето на органските материи во комуналниот отпад. Најчесто пожарите на депониите ги гасат самите вработени во комуналните претпријатија кои работат на депониите уште во самиот почеток на пожарот (посипуваат земја или песок) или со помош на територјалните протипожарни единици.
Како што е познато комуналната инспекција работи на ниво на општините и истите имаат прецизна евиденција за точниот број на диви депонии со количини на отпад. Истите се споделуваат со Подрачните одделенија на Центарот за управување со кризи. Точна бројка на дивите депони е тешко да се утврди поради потешкоитиите при дефинирањето на поимот „дива депонија“. Имено, една е состојбата доколку се бројат депониите каде општинските комунални претпријатија времено го исфрлаат сметот, а друго се дивите депонии од помал обем но многу поголем број, каде граѓаните исфрлаат комунален оптад или градежен шут.
Како да се реши проблемот со дивите депонии?
- Постоењето на депонии е децениски присутно на овие простори. Како проблем е констатиран и ставен високо на агендата за решавање за што е потребен сеопфатен пристап и мерки, како на пример: Создавањето навики за рециклирање (кај граѓаните и малите бизниси кои би можеле успешно да работат со рециклирани материјали) и соодветната едукација на младата популација би биле мерки со кои треба да се поработи по сероизно и на долг рок. Исто така не треба да се исклучуваат казните како од комуналните редари така и од комуналната и други инспекции (инспекторат за животна средина, инспекторат шумарство и ловство, водостопанство итн.) Казнените мерки се општопознати и функционални во ЕУ каде се стремиме да станеме и ние членки. Најважно е соодветното третирање на комуналниот отпад од страна на комуналните претпријатија на општините. Во една земја со скромни (лимитирани) финансиски можности како што е Република Македонија тоа не е можно со изградба на санитарни депонии во секоја општина. За ова прашање потребно е здружување на општините и изградба на санитарни депонии на регионален принцип на ниво плански
региони за рамномерен регионален развој (повеќе општини една санитарна депонија).
На почетокот на месецов се случи невреме во Тетовско. Дали се преземени сите активности за санација и расчистување на теренот зафатен од силното невреме?
- Во последните неколку недели, во Р.Македонија преовладуваше доста нестабилно време проследено со поројни врнежи, ветер, град, а на некои места и во форма на невреме. Центарот за управување со кризи и Регионалниот центар за управување со кризи Тетово од самиот почеток беа вклучени во настаните со невремето во Тетово. Во делот на превенцијата и раното предупредување Центарот до единиците на локалната самоуправа и градоначалниците достави насоки за постапување за невремето кое УХМР го имеше најавено за тој период од месецот. Сите известувања кои ги доставуваше УХМР беа редовно доставувани и до останатите субјекти со цел преземање на соодветни мерки за заштита од можни поплави. Невремето кое го зафати Тетово предизвика големи материјално-технички штети особено во село Порој, каде поради брзото зголемување на нивото и излевањето на Поројска река се случи вистинска катастрофа. Центарот за управување со кризи со свои вработени постојано беа на терен и ја следеа работата на механизацијата која работеше на расчистувањето и санирањето на теренот и за тоа редовно информираше. За случувањата во Тетово покрај останатите субјекти од системот редовно беа информирани и управувачките тела од системот за управување со кризи, а беше одржана и седница на Управувачкиот комитет на која беа донесени заклучоци со кои сите засегнати субјекти беа вклучени во справувањето со последиците, согласно нивната законска надлежност. Состојбата од терен е под контрола и во моментот се работи на ревитализација и обновување на објектите и инфраструктурата кои беа оштетени од поплавата.
Дали како Центар за управување со кризи сте подготвени да се справите со евентуални природни катастрофи, како на пример , поплави и земјотреси?
- Кога се зборува за капацитетите за управување природните катастрофи, во ЦУК се развиваат алатки (процени, софтверски апликации за идентификација, верификација и мапирање на настани и појави, стандардни оперативни постапки итн) за превенција, рано предупредување, комуникација, координација и соработка помеѓу субјектите на системот за управување со кризи, односно за управување со природни катастрофи. Притоа Центарот подготвува превентивни и оперативни мерки.
Превентивни мерки за заштита од поплави секаде па и кај нас се превземаат во текот на целата година. Покрај организацијата за чистењето на каналите во превентивните мерки спаѓаат и процена на постојната и утврдување на потребната инфраструктура, изградбата на бедеми покрај реките и водотеците, уредување на кејови, мапирање на можни точки на излевање на водотеците и многу други. Покрај превентивни мерки во ЦУК се развиваат и мерки за рано предупредување и алармирање на субјектите на системот за управување со кризи, но и на граѓаните.
За разлика од поплавите, кај земјотресите има две основни превентивни мерки и тоа 1. Градење на објекти според асеизмички стандарди и 2. оспособување на граѓаните за самозаштита.
И за поплавите и за земјотресите и за другите ризици и опасности Центарот за управување со кризи *ИМА *способности и капацитети во согласност со законските надлежности да го организира системот, стручно да го поддржи (со податоци, информации, анализи и процени на загрозеност) за да може успешно да се справи со настаните кои можат да имаат и катастрофни последици, односно да може системот разумно, пропорционално и сериозно да делува.
Од 5 до 9 јуни 2017 година, во организација на Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ К. Маршал“, - Гармиш, СР Германија се одржа семинар за високи претставници на тема „Меѓународната миграција и глобалната безбедност“. Кажете ни наратко за семинарот и која беше целта за негово одржување?
- Врз основа на повеќегодишната континурана соработка на ЦУК со Амбасадата на САД во РМ, според Програмата на Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ К. Маршал“, во својство на директор и претставник на ЦУК, учествував на „Семинар за високи претставници“, кој се одржа во периодот од 5 до 9 јуни 2017 година, во Гармиш-Партенкирхен, СР Германија. Семинарот за високи претставници претставува годишна активност со фокус на критични актуелни безбедносни прашања, а прилагоден е за потребите на високи претставници во ниво на министри, амбасадори, пратеници и високи законодавни, воени и владини претставници.
Темата на овогодинешниот настан беше „Меѓународната миграција и глобалната безбедност", а за време на одржувањето на настанот се дискутираше за изнаоѓање начини за развивање поефективни стратегии за одговор на предизвиците на масовната миграција, со зајакнување на професионални мрежи на лидери и креатори на јавното мислење од целиот свет. На семинарот учествуваа седумдесетина високи претставници и стручни лица од педесет земји во светот. За време на петдневниот настан имав можност активно да учествувам преку индивидуално претставување и изразување ставови во рамки на пленарни сесии и тематски работилници.
Целите на семинарот беа следни: Запознавање со најновите ажурирани информации и анализи поврзани со меѓународните миграциски текови и заканите по глобалната безбедност; критички осврт и процена на постоечките глобални напори за справување со приливот на мигранти; дискусија помеѓу креаторите на политики со цел идентификување на најдобрите практики и ефективни решенија за предизвиците од меѓународната миграција; креирање и зајакнување на мрежа составена од професионалци од областа на безбедноста и одбраната, базирана на заедничко разбирање и политичка волја за зајакнување на глобалната безбедност; идентификување на новите трендови, ризици и закани со цел антиципација на можен иден развој на настаните и соодветна навремена подготвка за справување со истите.
Учеството во Семинарот за високи претставници и воопшто Програмата на Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ К. Маршал“ е од особена важност за соработката на ЦУК со САД. Примената на стекнатите знаења придонесува за личниот и професионалниот развој на учесниците, како и за зајакнувањето на капацитетите на ЦУК, што е директо поврзано со делокругот на работа на ЦУК и е во контекст на безбедносните прашања и актуелната состојба во светот и во Република Македонија што се должи на бегалско/мигрантската криза.
Дали може да очекуваме нов бегалски бран и колку ЦУК е подготевен да се справи со таквата состојба?
- Република Македонија од почетокот на бегалско-мигрантската криза системски приоѓа на ова прашање. Воедно со спречувањето на илегалната миграција даваме допринос да нема нов бегалско-мигранстки бран, но ние самите таа можност не можеме да ја исклучиме. Центарот за управување со кризи, како што е општо познато, досега успешно се носи со предизвикот и во континуитет добива позитивни оценки од земјите членки на ЕУ. ЦУК сега менаџира со состојбите за спречување на нелегалната миграција пред се на јужната граница на Република Македонија. Покрај тоа познато е дека располагаме со способности и капацитети за транзитен престој за најмногу 3 000 лица истовремено. Ако се има предвид определбата на скоро сите бегалци/ мигранти (и бегалците од вони дејствија пред се од блискиот исток и економските мигранти од поширокиот регион) дека за своја крајна дестинација ги имаат Западноевропските земји на Еврпската Унија (пред се Германија за крајна дестинација) сметам дека Република Македонија има доволно капацитети и способности за успешно менаџирање доколку дојде до нов бегалски бран со транзитен карактер.
Присуството и транзитот на зголемен број на бегалци/ мигранти сам по себе носи и соодветни опасности, како на пример опасности од здравствен карактер (различен колективен имунолошки статус ), потоа безбедносни ризици од доменот на ситен криминал, потоа штети на имоти долж рутата итн. Покрај нив, и покрај превземените мерки за идентификација на бегалците/мигранти, не се исклучува можноста за инфилтрирање на поединци и групи со криминогено и асоцијално однесување вклучувајќи и поединци со терористички намери. Со ова немам намера да создавам страв, но потребно е да се констатира дека опасноста по безбедноста, со зголемувањето на бројот на мигрантите, се зголемува. Нашите служби превземаат соодветни мерки, секоја во рамките на своите надлежности, а ЦУК соодветно координира со активностите. Моја проценка е дека успешно можеме да менаџираме и поголема миграција, но имаме голема потреба за зајакнување на капацитете преку поголем буџет и ресурси како и со подршка на меѓународната заедница (воглавном преку Агенциите на Обединетите Нации и на ЕУ) и на Невладиниот Сектор. Користам прилика да им се заблагодарам на досегашната подршка и апелирам за подлабока и поконкретна соработка во иднина, не само во менаџирање на ситуации туку и за подигнување на нивото на спремност за соочување со истите.
Минатата недела, во неколку медиуми бевте спомнати Вие во негативна конотација за наводни злоупотреби во Центарот со кој раководите. Кој би бил вашиот коментар?
- Како прво, во правна држава за која се стремиме и се надевам што поскоро ќе функционира, (како почна и да продолжи СЈО, на пример), постојат државни органи кои ќе констатираат дали имало злоуботреби од моја страна (било какви), и јас сум спремен и јавно да се соочам за се што беше кажано (иако тука нема законски прекршувања).
Во некои медиуми се спомна и 2004 година и што се сум „правел“ тогаш како министер. Во тоа време, ако се сеќавате, бев кај тогашниот јавен обвинител, Прчевски, кој одкога го разгледа предметот, изјави дека обвинувањата против мене се приказни за мали деца (можете да проверите во вашата архива). Но, оној кој ме обвинуваше (заради некои свои мотиви), а кој потоа стана премиер, г. Бучковски, е осуден во сите судски инстанци со правосилна пресуда, имено за корупција и злоупотреба на службената должност. Некому пречев тогаш (претпоставувам кому и зошто), а сега знам кому пречам : на сите оние кои го довеле Центарот во ова дереџе*. Никакви глупости и никакви “обвинувања“ нема да ме спречат во мојата намера да направам тотална реформа во Центарот. Во таа реформа ќе има и жртви, преди се “џабалебарошите“ и разните профитери.
Некои, и сериозни медиуми дури, во прилогот кај што се набројуваа сите мои “гревови“ и “злоупотреби“, наведоа дека Центарот беше предмет на остри критики за време на катастрофалните поплави во кои имаше и човечки жртви! Во тоа време јас не бев директор, па видите и сами на што е сведен денес сериозен прилог, на сериозна телевизија, без да се сослуша и другата страна! Некои телевизии не побараа (за што имаат професионална обврска) изјава или реакција од мене или центарот, за што ќе го информираме Советот за Етика на новинарите. Мора, еднаш и засекогаш, да се стави крај на плукачко новинарство, за да, во случај кога стварно имало злоупотреби, да бидат земени предвид сериозно и да иницираат соодветни реакции на надлежните органи. Како што е сега ситуацијата, може секој кловн да излезе на телевизија, да изјави било што против било кого, за да потоа го превземаат и порталите, ќе стават сензационалистички наслов за да бидат кликнати и да добијат пари од реклами. Никој нема да утврди дали има вистина во обвинувањата, дали нешто е превземено, итн, а најмалку некој ќе го истражува профилот на изворот (или нарачателот) на обвинувањето. Јас јавно ги повикувам медиумите што го објавија прилогот да дојдат и утврдат дали имало седница на синдикатот каде е дискутирнао за наведените теми – значи во чие име зборува “претседателот“ и кој е поводот за такви обвинувања...
Јас, каде и да се појавам, уживам углед и го чувам моето достоинство, затоа што луѓето во нашата мала држава знаат кој колку вреди и кој што направил. Подобро речено, луѓето чие мислење и суд ми значат. За оние другите, кои гледаат свои телевизии кои даваат вести по нивна “мерка“, следат свои портали и се изживуваат во своите затворени Фејсбук групи, не сакам ниту да коментирам, злобата најмногу ги јаде нив самите, како отровот кој ја гризе зделката во која е ставен!
Ирена Радовановиќ