Центарот за управување со кризи и Агенцијата за меѓународна соработка на Јапонија -  JICA, денес (20 април) потпишаа заеднички документ кој претставува основа за идна меѓусебна соработка преку Проект за намалување на ризици од катастрофи во областа на животната средина (ECO Disaster Risk Reduction). Со денешното потпишување практично се обезбедува основа за продолжување на успешната соработката помеѓу Центарот и  JICA, која започна во 2011 година преку проектот за Воспоставување на интегриран систем за превенција и рано предупредување за шумски пожари.

   

        Основната цел на оваа проектна иницијатива е да се развие модел на Екосистемски-базирано намалување на Ризиците од Катастрофи (Eco-system based Disaster Risk Reduction - Eco-DRR) во Република Македонија против поројни поплави, лизгање на земјиштето, ерозија на почвата и шумски пожари преку користење на повеќекорсничката функција на шумите, односно зајакнување на нивната заштитна функција.   Денешното потпишување на иницијалниот документ овозможува во наредниот период од страна на JICA да се пристапи кон подетална анализа и верификација на предложените проектни активности, со цел нивно прифаќање и кон крајот на оваа година започнување со имплементација на проектот. Како основа за утврдување на потребата од ваква проектна интервенција, претставуваа анализите на зачестените ризици од катастрофи, кои во последните години предизвикаа загуби на човечки животи, оштетувања на материјални добра, како и голем степен на деградација на животната средина (екологијата).   Покрај другото, причините за овие катастрофи се поврзани со недоволна искористенот на заштитните функции на екосистемот, пред се на шумите, кои во подолг период се изложени на загуби, предизвикани од шумски пожари, неконтролирани активности на човекот, загаденоста на животната средина и слично.                     

          Во процесот на имплементација на проектините актвиности се предвидува широка меѓусекторска соработка и вклученост на повеќе субјекти, како што се: Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ЈП Македонски шуми, Министерството за животна средина и просторно планирање, Високо-научни установи, Единици на локалната самоуправа, локлната заедница и други.

     Во рамките на овој проект ќе бидат спроведени конкретни мерки за зајакнување на екосистемот на повеќе локации во Р. Македонија, со крајна цел да се зголеми нивната отпорност на ризиците од катастрофи поврзани со поројни поплави, лизгање на земјиште, ерозија на почви и пожари на отворен простор. Проектот ќе овозможи присуство и соработка со експерти од Јапонија од наведените области, со што ќе се обезбедат основи за трансфер на знаења и искуства од земја која е лидер во светот во оваа област, преку системски мерки за јакнење на отпорноста и намалување на ранливоста и изложеноста на ризици од катастрофи.