Центарот за управување со кризи, преку свои инспектори врши инспекциски надзор за применувањето на Законот за управување со кризи и на прописите кои произлегуваат врз основа на овој Закон. Тоа се спроведува во органите на државна управа, општините, јавните претпријатија и служби, како и во трговските друштва кои се од посебно значење во справување со кризна состојба.

Инспекторите на Центарот се овластени да остваруваат увид во спроведувањето на Законот за управување со кризи и на прописите и да предлагаат мерки за отстранување на утврдените неправилности и недостатоци во определен рок.

При вршење надзор, инспекторот има должност на субјектите каде што се врши надзор да им дава помош во спроведувањето на законите и прописите и ако смета дека повредата на прописите претставува прекршок или кривично дело, тој е должен до надлежниот орган да поднесе барање, односно пријава за покренување соодветна постапка.

 

За субјектите во системот за управување со кризи што нема да постапат согласно Законот за управување со кризи, се предвидени прекршочни одредби.