Процената на загрозеноста на безбедноста на Република Македонија, по предлог на Групата за процена ја изработува Центарот за управување со кризи, кој потоа ја доставува на разгледување на Управувачкиот комитет. Процената ја донесува Владата на Република Македонија.
Планирањето на развојот, оперативното и тековното планирање на системот за управување со кризи, на краток, среден и долг рок се води и се реализира според принципите, нормите и постапките кои важат во системот на планирање, програмирање и буџетирање.
Финансиските средства за потребите на системот за управување со кризи на Република Македонија се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија, во согласност со закон, но може да се обезбедат и од други извори. Инаку, финансиските средства за органите на општините и на градот Скопје, за потребите на системот за управување со кризи се обезбедуваат од нивни средства во согласност со закон, а и од буџетот на Републиката. Тоа важи и за јавните претпријатија, установи и служби, како и за трговските друштва од посебно значење за работа во кризна состојба.