Денеска главниот претставник на Агенцијата за меѓународна соработка на Јапонија (JICA), од Балканската канцеларија од Белград, г-дин Такеичи го посети Центарот за управување со кризи. Поводот на посетата беше доделување награда од Претседателот на Агенцијата за меѓународна соработка на Јапонија (ЈИЦА) “Лауреат на на годината” на Д-р Стевко Стефаноски, раководител на Сектор за аналитика, процени и стратешко планирање во Центарот за управување со кризи. Имено, JICA како еминентна Агенција за меѓународна соработка, практикува една голема традиција, која по повод одбележувањето на Mеѓународниот ден на соработката во Јапонија, секоја година доделува награда од Претседателот на JICA на еминентни личности и организации со длабока благодарност за нивниот исклучителен придонес и достигнувања во активностите за меѓународната соработка на JICA.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов за време на средбата со г-дин Такеичи ја нагласи важноста од долгорочната соработка помеѓу ЦУК и JICA, која е започната пред нешто повеќе од 10 години.
Во овој период имплементирани се повеќе проекти, како проектот за интегриран систем за превенција и рано предупредување за шумски пожари (МКФФИС) во периодот 2011-2014, потоа регионалниот проект за земјите од Западен Балкан (2015-2017), со што ние од приматели на техничка помош прераснавме во провајдери на знаења и добри практики во регионот, и секако тековниот Еко-ДРР проект, кој започна во 2017 год, а со потпишаниот Анекс ќе трае до крајот 2023 година.
Ангелов потенцираше дека наша посебна гордост е тоа што со нашите резултати придонесовме JICA да ја прошири соработка во Косово и Црна Гора, со можност за вклучување и на други земји од регионот, каде ја продолжуваме нашата соработка.
Инаку, сите овие наведени проекти, од иницијатива до реализација ги раководи д-р Стевко Стефаноски, кој е во ЦУК од самото негово формирање. Преку реализацијата на проектите кои се поддржани од JICA, Центарот за управување со кризи се стекна со значителен напредок во јакнењето на своите капацитети, посебно во примената на современа Информатичка технологија и ГИС алатки, со што ЦУК ја започна дигитализацијата на националниот систем за управување со кризи и намалување на ризици од катастрофи, уште со првиот проект во 2011 и оттогаш во континуитет таа подршка се оддржува.
Оваа награда претставува посебна сатисфакција за д-р Стевко Стефаноски, но истовремено е и големо признание за Центарот за управување со кризи, институција која посебно ја негува догорочната соработка со JICA и се гордее со неа.
„Да се исполнат критеримите да се биде номиниран за ваква престижна награда, посебно кога станува збор за “Јапонската традиција на работа и успех”, сигурен сум дека не е лесно, но со долгогодишна упорност, трпение и секако постигнатите резултати, Стевко успеа во тоа, за што навистина му упатувам искрени честитки.
Сигурен сум дека тој ќе продолжи да ја оддржува оваа соработка, а јас како директор апелирам дури и да ја зголеми. Исто така упатувам апел, посебно до помладите вработени во ЦУК ова признание да го почуствуваат како мотивирачки фактор во нивното работење, а јас како директор можам да обезбедам потребна поддршка за тоа. Ова признание доаѓа во период на мојот мандат како директор на ЦУК, но резултатите се постигнувани перманентно во текот на една деценија, што потврдува дека оваа институција навистина поседува капацитет што резултира со вакви успеси и заради тоа преставува кредибилен и проверен партнер за секоја понатамошна соработка како со JICA, така и со други релевантни меѓународни фактори“ – истакна директорот Ангелов.