На ден 27.01.2021 година в.д. директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, присуствувше на изложбена промоција во Охрид на донација во специјализирана опрема и возила на Европската Унија за барање и спасување настрадани на тешко пристапни терени во зимски услови. Тој директно се запозна со техничките можности на опремата и возилата, заедно со сите присутни на настанот, при што беа разменети можности и искуства коишто се дел од современото управување, а и справување со ризични ситуации за спасување животи.
Донацијата е реализација на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“ што е финансиран од Европската Унија, преку ИПА2 Програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија, а го спроведуваат Црвен крст Охрид, општините Охрид и Дебрца од Македонија и општината Грамш од Албанија и Алпинистичкиот Клуб „ПАТАГОНИЈА – Охрид“.
Со ваквите проекти на соработка, покрај подигнување на свеста и обуката за интервенции, се подигнува на повисоко и посовремено ниво и техничката подготвеност за поефикасно дејствување во ситуации кога треба да се спасуваат човечки животи.
На настанот присуствуваа и г-дин Сашо Точков, Претседател на Црвен крст Охрид, г-дин Горан Милевски, Министер за локална самоуправа, Н.Е. Дејвид Гир, ЕУ Амбасадор во Р. С. Македонија, г-дин Зоран Ногачески - градоначалник на Дебрца, г-дин Константин Георгиевски, градоначалник на општина Охрид и г-дин Клодијан Таче, градоначалник на општина Грамш, Албанија.
Денес во современиот свет е прифатена реалноста дека сите активности во алтернативниот и авантуристички туризам и престој во природа вклучуваат одреден степен на ризик. Туристите, а и сите вљубеници во активниот престој и одмор во природа ги прифаќаат тие ризици со цел да ги искористат придобивките од одредена активност. Безризичен свет не постои и веројатно никогаш нема да постои, но тоа не значи дека во туризмот и при престојот во природа ризиците може да се игнорираат или занемаруваат. Туристите и вљубениците во активниот престој и одмор во природа се одлучуваат за ризични ситуации, но сакаат да поминат низ новото искуство без последици за својата безбедност или физичкото и ментално здравје. Прифаќањето на постењето на ризиците не значи игнорирање на ризикот или непревземање соодветни мерки за решавање на ризичните ситуации и елиминирање на последиците. Зато постојат и стандардни оперативни процедури за управување на ризиците во авантуристичкиот туризам, што е дел од креирањето соодветен алгоритам на постапки или работни процедури, кои вообичаено се дел од планот за вонредни ситуации. За сето тоа да се заоружи превентивно и реално на терен при несакани ситуации потребна е соодветна опрема и возила, со што поефикасно ќе се справуваат субјектите од системот за управување со кризи при такви ситуации.