Според информациите добиени од Регионалните центри за управување со кризи, и останатите субјекти на локално ниво засега состојбата со водотеците е стабилна, Според информациите од хидролошките станици низ државата се забележува намалување на водостојот на сите реки, а во  наредните денови се очекува постепена стабилизација на водостоите.

 

Скопски регион

Водата од река Вардар која се излеа во атарот на селата Зелениково, Орешани и Таор е повлечена и состојбата е нормализирана.

                       

Битолски регион

Во општина Битола во текот на денешниот ден има дополнително опаѓање на нивото на река Драгор (околу 40-45 см) и во моментот може да се смета дека е тоа нормално ниво на реката за овој период од годината и не постои опасност за излевање на реката на местото каде што беше саниран насипот кај пумпната станица на  ЈКП Водовод Битола.

На подрачјето на општина Демир Хисар насекаде има снежна покривка која не е голема. Сообраќајот се одвива во отежнати услови кон планинските места.

                       

Охридски регион

Нивоата на реките и водотеците во овој регион се во опаѓање. Водата се повлекува од местата каде имаше излевање. Во општина Дебар и дел од Центар Жупа водата за пиење сеуште е заматена и заради тоа се препорачува пред употреба нејзино зовривање.

 

Тетовски регион

Во Тетовскиот и Гостиварскиот регион состојбата со поплавените површини е нормализирана. Нема нови врнежи од дожд така да доаѓа до повлекување на водата од поплавените места и нивото на водостојот на реките се намалува.

 

Велешки регион,

Во општина Велес нивото на реката Вардар во Велес е намален и нема опасност од излевање.  Добиена е информација дека на столбовите на мостовите на реката Вардар кај селата Пепелиште, Војшанци и Корешница има наноси од гранки од дрвја. За оваа состојба известени се водостопанство Тиквеш и општините Неготино и Демир Капија за превземање на мерки за санирање на состојбата.

           

Штипски регион

Патничкиот регионален и локален сообракај се одвива редовно, освен на регионалниот патен правец Кочани - Македонска Каменица, каде поради поголем одрон на камења на патот кај место викано Драка маало кај село Калиманци, коловозот беше затрупан и сообракајот беше во целосен прекин за секаков сообракај 2 дена. Денес, од 13:00 ч. сообраќајот  e нормализиран. Изградена е трета лента во должина од 100 м. на патниот правец А3 Кочани – М.Каменица, на делницата од Истибања до брана Калиманци, кај м.в. Ајдучки Камен.

 

Кумановски регион

Во изминатото деноноќие на територија на општините Куманово, Старо Нагоричане и Липково хидрометеролошката состојба беше стабилна.

Речното корито на реката Пчиња во делот на  меморијалниот центар АСНОМ, е драстично  намалено и се повеќе се враќа во нормална претходна состојба, додека прилив од водена маса на Коинскиот и Драгоманскиот  поток повеќе нема. Во моментот на терен со механизација се екипите на ЈКП Козјак, Старо Нагоричане и превземаат дејствија кај селата Пелинце, Коинце, Драгоманце и Макрешна.

На Крива река кај селата Довезенце, Јачинце и Клечовце, АД Водостопанство Куманово, работи на отстранување на пречките од вегетацијата и правење насипи- бедемисување, заради нормален проток а со тоа  и отстранувањето на можности од дополнителни излевање на истата.