Ве потсетуваме на испратеното предупредување од УХМР за крајно претпазливо и внимателно движење (по можност да се избегнува) покрај реките и суводолиците низ земјава поради опасност од нивно излевање. Ова најмногу се однесува на водотеците во западниот дел од земјата каде врнежите ќе бидат пообилни и има опасност од нивно излевање, но и на тие од источните делови каде се очекуваат високи вредности на водостоите. Истовремено, Ве известуваме за врнежите од снег и дожд, а и за времето согласно информациите добиени од УХМР.
ВИСИНА НА СНЕЖНА ПОКРИВКА до 7 часот (во см)
46 Попова Шапка.
НАВРНАТ ВОДЕН ТАЛОГ ЗА ИЗМИНАТИВЕ 24 ЧАСА до 7 часот (во л/м2)
26 Охрид, 22 Дебар, 19 Претор, Пожаране, 18 Берово, 17 Битола, Крушево, 14 Прилеп, 12 Струмица, Дојран, 11 Демир Капија, 9 Тетово, 8 Крива Паланка, Штип, 6 Скопје-Зајчев Рид, 4 Куманово, 2 Скопје-Петровец.
МИНИМАЛНИ ТЕМПЕРАТУРИ
0 Крива Паланка, Тетово, Крушево, 1 Скопје-Зајчев Рид, Дебар, Куманово, 2 Скопје-Петровец, Штип, Берово, 3 Битола, Прилеп, 4 Демир Капија, Струмица, 5 Охрид, Гевгелија, Дојран, 8 Претор.
ВРЕМЕТО ВО ТЕКОТ НА НОЌТА И ИЗУТРИНАВА
Облачно, во текот на ноќта и утрово со врнежи од дожд. Утрово појава на магла има во Кривопаланечкиот регион.
ВРЕМЕТО ДЕНЕСКА
Облачно со врнежи од дожд. Врнежите пообилни ќе бидат во северните и северозападните делови каде локално се очекува да наврнат и над 30 л/м2. Врнежите повремено ќе бидат поројни, проследени со засилен ветер, кој на места ќе достигнува брзина и над 70 км/час. Максималната температура ќе биде во интервал од 5 до 13 степени.
Во Скопје, облачно со врнежи од дожд. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.
Инаку, од УХМР беше добиена добиена и хидролошка информација во која беше наведено следното:
Врнежите кои паднаа изминатиот период предизвикаа будење на водотеците низ земјава кои до тогаш беа со подпросечни вредности на водостоите, како резултат на исклучително сушниот период пред тоа (особено месец ноември 2020 година). После синоќешните врнежи зголемен е водостојот на повеќето реки низ земјава, а на дел од нив има и значително високи водостои. Особено висок беше водостојот на река Радика кој за време на ноќта достигна H=177 sm на хидролошката станица Бошков Мост и бележи континуирано зголемување последните два дена (во кои има пораст од 100 см). Осетно зголемен беше и водостојот на нејзината најголема притока, р.Мала Река, чиј водостој се зголеми за 50 см во однос на вчерашниот и достигна H=112 sm (на хидролошката станица Елен Скок). Исто така висок беше и водостојот на р.Сатеска кој се зголеми за 60 см во последните два дена. Пораст на водостојот имаа и водотеците кои доаѓаат од планинскиот масив Шар Планина (особено р.Бистрица и р.Маздрача), како и на водотеците од планинскиот масив Кораб (десните притоки на р.Радика). Од хидролошките станици регистрираме зголемен водостој и на р.Треска во Македонски Брод, каде има пораст на водостојот од 52 см во однос на вчерашниот. Иако врнежите во источните делови од земјата беа послаби и таму се регистрирани зголемувања на водостоите, како резултат и на врнежите во изминатиов период таму кои ја зголемија влажноста на земјата и подготвија основа за поголема реакција на речните сливови (зголемен е коефициентот на истекување). Пораст на водостојот е забележан на р.Крива во Крива Паланка и на р.Пчиња на хидролошките станици во Пелинце и Катлановска Бања (каде се очекува натамошен пораст во текот на денешниот ден).
Во вечерните часови и за време на ноќта беа најавени нови врнежи, пообилни во западните делови каде на места локално беа прогнозирани над 30 л/м2. Вкупно за наредните два дена во западните делови на места се очекува врнежите да надминат и 50 л/м2. Во тие делови од земјата се очекуваат значително високи водостои, полнење на речните корита како и локални излевања. Ова особено се однесува на р.Радика, р.Сатеска, р.Коселска и р.Голема (Ресенска) во чиви сливови се можни излевања на реките. Исто така, висок водостој и полнење на речното корито се очекува на р.Треска, (каде се можни локални излевања во тој слив, во Пласниица и на помалите притоки), а исто така и самата р.Треска се очекува да има полно корито. Зголемен водостој се очекува и во горниот дел од сливот на р.Црна и на нејзините помали притоки. Иако според моменталниот водостој сеуште има простор за полнење, висок водостој се очекува и на р.Вардар во нејзиното горно течение, заедно со нејзините притоки во тој дел. Иако во источниот дел врнежите се очекува да бидат послаби, сепак висок водостој и можни слаби локални излевања се можни во сливот на р.Крива, р.Кумановска и р.Пчиња.
И на крај, УХМР предупреди и на крајно претпазливо и внимателно движење (по можност да се избегнува) покрај реките и суводолиците низ земјава поради опасност од нивно излевање. Ова најмногу се однесува на водотеците во западниот дел од земјата каде врнежите ќе бидат пообилни и има опасност од нивно излевање, но и на тие од источните делови каде се очекуваат високи вредности на водостоите.