На ден 22.12.2020 годин (вторника), во Центарот за управување со кризи се оствари работна средба помеѓу директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов и Проректорот на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ Марјан Ѓуровски од Факултетот за безбедност-Скопје.
На средбата стана збор за изнаоѓање на начини и форми за да се интензивира соработката на Центарот за управување со кризи и академската заедница во земјата преку нејзино директно вклучување во процесот на реформи и трансформација со оглед на потребата од креирање на интегрален систем за управување со кризи.
На средбата се разгледа информацијата за текот и структурата на студиската програмата на прв циклус на студии со насоката Безбедност и кризен менаџмент и студиската програма за втор циклус на студии за кризен менаџмент на Факултетот за безбедност, како и можноста во систематизацијата на постојните работни места на ЦУК да се вградат и земат предвид звањата што ги добиваат студентите по дипломирањето во областа на безбедноста и управувањето со кризи.
Од страна на Факултетот за безбедност-Скопје информираа дека е започнат научно-истражувачки проект „Функционирањето на безбедносниот систем на Република Северна Македонија во кризна и сложена безбедносна состојба – менаџирање и справување со кризи“, по чие завршување ќе се излезе со конретни предлози и препораки. Целта на проектот е да се утврдат евентуалните критични области во безбедносниот систем на земјава во кои се потребни елементи за позитивна промена, меѓу другото и во делот на кризниот менаџмент и заштита и спасување. Воедно да се дојде до предлози и можни решенија за градење ефикасен безбедноснен систем каде интегрален дел е управувањето со кризи и заштитата и спасување во Северна Македонија и креирање соодветна безбедносна политика. Проектот треба да одговори на прашањата за кои постои интерес во научната и општествената јавност од предизвикување и начинот на справување со последната пандемија, опасности и ризици во Република Северна Македонија во услови на кризна состојба на целата територија на државата.
Исто така Универзитетот „Св.Климент Охридски“ и неговите единици ќе се вклучат во издавачката дејност на ЦУК во функција на зголемување на фондот на научно-стручни публикации и литература за потребите на вработените на ЦУК, професорите, студентите, стручната и општа јавност во земјата. На средбата беше договорено директорот на ЦУК Ангелов да одржи предавање пред студентите на Факултетот за безбедност-Скопје.