Во рамките на техничка соработка која се остварува помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Јапонија, Центарот за управување со кризи и Агенцијата за меѓународна соработка на Јапонија (JICA), започнаа со имплементација на “Проект за градење на капацитети за Екосистемски-базирано Намалување на Ризици од Катастрофи (Еко-НРК) преку одржливо управување со шумите во Република Македонија”.

Целта на овој проект е преку употреба на повеќекорсничката вредност на шумите, односно зајакнување на нивната заштитна функција, на долгорочна основа, во Република Македонија да се намалат ризиците од поројни поплави, лизгање на земјиштето, ерозија на почвата и шумските пожари.  Како главен спроведувач/имплементатор на проектот од страна на Владата на Р. Македонија ќе биде Центарот за управување со кризи, во партнерство со ЈП “Македонски шуми”.

Проектна соработка помеѓу двете страни формално започна во декември 2017, а од средината на март 2018 година, пристигнати се експертите од Јапонска страна и во постапка се проектните активности кои се предвидени до за оваа година. Во тие рамки, денес 08.05.2018 година, во хотел Континентал, Скопје, се одржува воведен семинар за презентирање на проектот и иницијално запознавање со концептот на Еко-ДРР.

На овој воведен семинар, во своето обраќање пред присутните, директорот на Центарот за управување со кризи м-р Агрон Буџаку изрази благодарност до Агенцијата за меѓународна соработка на Јапонија (JICA) и истакна дека прифаќањето на овој проект од страна на Владата на Јапонија, практично претставува продолжение на повеќегодишната соработка и изградената доверба во капацитетот на ЦУК и на другите партнерски институции кои ќе бидат опфатени со активностите на овој проект.

Имено, интензивната соработка помеѓу двете страни започна во 2011 година преку проектот за воспоставување на Интегриран систем за превенција и рано предупредување за шумски пожари, потоа преку реализацијата на т.н. Програма за обуки на трети земји, каде Р. Македонија помогната од JICA, прерасна во промотор на стекнати знаења и искуства во земјите од регионот, и со започнувањето на овој проект, се продолжува заедничката соработка во следните 5 години.

Како што потенцираше Буџаку, преку овој проект во Република Македонија ќе биде применет концептот на екосистемски-базирано намалување на ризици од катастрофи (Eco-DRR), со крајна цел да се намали интензитетот и фреквентноста на природни непогоди, како што се поројните поплави, лизгање на земјиштето и ерозија на почвата, кои во последните години предизвикуваат големи физички штети, социо-економски последици и доведуваат до тешка деградација на природната средина.

Основните резултати кои се очекува да бидат постигнати преку имплементацијата на овој проект се однесуваат на следните две области:

 (1) Зајакнување на националните капацитети за координација помеѓу домашните релевантни институции во системот за управување со кризи преку надградба и проширување на функциите на постоечкиот Македонски информативен систем за шумски пожари – MKFFIS, со воведување на нови модули за превенција, рано предупредување и справување со поројни поплави, лизгање на земјиштето и ерозија на почвата, и

 (2) Подобрување во националното управување со шумите во Р. Македонија со воведување на нови практики и технологии со цел да се зајакне и прошири заштитната функција на шумите и преку тоа, на долгорочна основа да се намалат ризиците од природни непогоди, пред се од поројни поплави, лизгање на земјиштето и ерозија на почвата.

Водејќи се од овие очекувани резултати, во имплемнтацијата на проектот од Македонска страна, покрај ЦУК, како партнери и соработници активно ќе бидат вклучени институциите од областа на шумарството и животната средина, како што се ЈП Македонски шуми, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за животна средина и просторно планирање, Управата за хидрометеоролошки работи, Секретаријатот за европски прашања, Шумарскиот факултет при УКИМ и други.

Бидејќи во текот на имплементацијата на проектот ќе бидат спроведувани практични теренски активности за санација на високоризични локации, посебно место и улога ќе има и вклучувањето на Единиците на локалната самоуправа и Јавни претпријатија формирани од нивна страна, како и локалната зедница, односно граѓаните кои се директно изложени на ефектите од природните непогоди.

Со ваквиот концепт на имплементација, овој проект воведува еден сеопфатен пристап и широка инклузивност на сите засегнати страни, со што се очекува да се обезбеди висока одржливост на постигнатите резултати.

  Покрај директорот на Центарот за управување со кризи, свое обраќање пред присутните имаше и г-н Хидеја Кобајаши, постојан претставник на JICA за Балканот.