Според најавите добиени од Управата за хидрометеoролошки работи, за време на претстојниот викенд ќе преовладува променливо облачно и значително потопло време со сончеви периоди. Утре попладне и ноќта кон недела ќе има повремени локални врнежи од дожд, особено во западните делови каде на повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува повремено и засилен западен ветер, поизразен на планините и на југот од земјава.

Ваквите временски услови во поголем дел од земјава ќе предизвикаат нагло топење на снежната покривка. Потоа во почетокот на наредната недела ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. 

Новите врнежи дополнително ќе влијаат на водотеците и суводолиците и се очекува нови покачувања на водостоите кои поради влажните почви и нивната мала способност да впијат поголеми количини на вода, треба да се внимава на можна појава на локални излевања на веќе познати критични места и тоа во сливовите на реките Треска (горен тек со притоките), Црна Река (горен тек со притоките), притоките на р.Радика и Црн Дрим, притоките на р.Вардар (горен тек), реките околу Баба Планина, Ниџе, Кожув, Бабуна.

Со цел навремено преземање на превентивни активности за намалување на ризиците од појава на поплави, Центарот за управување со кризи ги извести Единиците на локална самоуправа и препорача да ги задолжат јавните претпријатија и останатите субјекти во нивните општини, да бидат подготвени и да извршат проверка на сите критични места на кои е можно излевање и поплавување, да се провери состојбата со мрежата на одводните канали и на другите водни објекти на нивна територијата, со цел утврдување дали истите ја обезбедуваат потребната водопропусност за нормален  тек на водата. 

Ги потсетуваме граѓаните доколку имаат потреба да го користат бесплатниот телефонски број за итни повици на Центарот за управување со кризи - 195.