Според пристигнатите информации до 8:00 ч. утрово состојбата со пожарите во земјата е следна:

Југозападен плански регион

Пожарот во атарот на с.Требовље (опш.Македонски Брод) сеуште е активен, но засега нема опасност за селото. Исто така спречено е и напредувањето на пожарот кон с.Растеш и тој дел од пожарот се контролира. На овој простор дејствувале припадниците на АРМ, ТППЕ Скопје, ШС Македонски Брод и ШС Кавадарци.

 

Тетовско-полошки плански регион

Пожарот кој што е активен во с.Здуње (истиот пожар од с.Требовље) во Македонски Брод има тенденција за проширување на атарот на с.Гургурница (опш.Тетово).

Шумскиот пожар во реонот помеѓу селата Девич и Грешница, е акивен, но моментално нема опасност во населено место. Во гасење на овој пожар интервенираат ТППЕ Македонски Брод и ШС Македонски Брод.

Пожарот што подолго време е активен во реонот на Македонски Брод, во попладневните часови на ден 02.08.2017 година е префрлен на територијата на Општина Гостивар, во атарот на селата Корито и Железна Река. Пожарот е на непристапен терен за возила. Зафатена е површина обрасната со сува трева, смрека како и мешана шума. Во гасење на пожарот кај с.Железна Река интервенира екипа од ШАР Гостивар. Истиот од страната накај с.Страјане и кај манастирот е локализиран, додека од спротивната страна е сеуште активен. ШС „Шар“ – Гостивар, известува дека во атарот на с.Корито гори сува трева и пасишта и состојбата таму не е опасна.

 

Северен (скопски) плански регион

Од БППЗ на град Скопје известуваат дека во текот на вчерашниот ден од 21:45 часот, интервенираат на запалена шума во атарот на с. Студеничани (општ. Студеничани)

 

Пелагонски плански регион

Во текот на вчерашниот ден околу 14:30 часот се појавил пожар во атарот на с.Локвени према с.Подвис и со кој е зафатена деградирана дабова шума. Во текот на денот интервенирале ТППЕ Крушево, ТППЕ Кривогаштани, лица од месно население и вработени во ШС „Липа“ – Крушево. Во близина на пожарот е и манастирот „Св.Атанасие“ – с.Локвени.  Во утринските часови на терен интервенираа ТППЕ Крушево и ШС „Липа“ – Крушево.

 

Повардарски плански регион

Има активен пожар кој ги зафаќа падините на Горна Јакупица. Пожарот е на тешко достапен терен. Во гасењето биле ангажирани вработени на ШС „Бабуна“ – Велес.

Во доцните попладневни часови, во атарот на с.Богомила, м.в.Сеченица повторно се појавил пожар со кој е зафатена сува трева и ретки дрва. На овој пожар интервенирала екипата од ШС „Бабуна“ – Велес.

 

Источен плански регион     

Во текот на вчерашниот ден, во претпладневните часови на потегот помеѓу селата Теранци и Видовиште (опш.Зрновци – Кочани) кај м.в.Трнавица избувнал шумски пожар во ниска шума и започнал да се шири спрема манастирот Света Петка на планината Плачковица. Во гаснењето на пожарот учествуваат ТППЕ Кочани, ШС „Осогово“ – Кочани и лица од месното население. Од последните информации пожарот не е локализиран и веќе е проширен на висока шума. Побарано е во гаснењето на пожарот да се вклучи и хеликоптер. Пожарот е активен, но не претставувал опасност за селата во таа област. Од утринските часови интервенираат ТППЕ Кочани.