Денес, 06.04.2017 година, во хотел Континентал, Скопје, се одржува работилница во рамките на ИПА ДРАМ Проектoт за “Процена и мапирање на ризици од катастрофи” (Disaster Risk Assessment and Mapping).

 Општата цел на овој проект e насочена кон подобрување на ефективноста и кохерентноста на националните системи за управување со ризици од катастрофи, во сегментот на собирање на податоци за загуби од катастрофи, процена и мапирање на ризиците кои можат да предизвикаат катастрофи, како и усогласување и интегрирање на националните политики на земјите кои учествуваат во овој проект со политиките на ЕУ од оваа област, како што е Механизмот на Цивилната заштита на Унијата.Крајната цел која треба да се постигне со овој проект е да се изградат капацитети за целосна имплементација на “ЕУ Насоките за процена и мапирање на ризици” и изработка на Процена за загрозувањата од сите ризици (All Risk Approach), како обврзувачки стандард за земјите членки и за земјите кандидати за членство во Унијата. На почетокот од оваа работилница, свое обраќање имаше директорот на Центарот за управување со кризи, м-р Агрон Буџаку кој изрази голема благодарност до конзорциумот на проектот, кој е составен од претставници на сродните институции од Шведска, Италија, Словенија и Хрватска, за вклучувањето на Република Македонија во активностите кои ги предвидува овој проект.

Исто така, тој искажа уверување дека повеќекорисничкиот карактер на проектот ќе придонесе за зајакнување на компатибилноста и интероперабилноста на земјите од регионот кои се дел од овој проект, како: Албанија, БиХ, Косово, Ц. Гора, Србија и Турција, а потенцираше и дека Центарот за управување со кризи, како партнер во имплементацијата на овој Проект, максимално ќе го вложи сиот свој капацитет, со цел да да се обезбеди соодветна координација во имплементацијата на предвидените национални и регионални активности.