Денеска, во просториите на Кинотеката во Карпош 3, директорот на Центарот за управување со кризи м-р Агрон Буџаку и преставникот УНХЦР во Република Македонија, Мохамед Ариф, заедно ја отворија изложбата цртежи со наслов „Бегство за подобро утре“. Изложенте дела се на сирискиот пар Шерго Муса и Назли Абду создадени за време на нивниот престој со нивните деца во Прифатниот и транзитен центар Винојуг.
На отворањето на изложбата, во присуство на двајцата уметници од Сирија, Претставникот на УНХЦР Скопје, г. Мохамад Ариф истакна: “Со изложбата сакавме да покажеме само мал дел од богатите таленти и вештини кои бегалците ги носат во другите земји кога бегаат од војна. Бегалците, со своето образование, вештини и разноликост, можат да донесат вредно збогатување на работната сила во секое општество. Можноста возрасните бегалци да работат и да создаваат е многу важен сегмент од нивната добросостојба, исто колку што е важно децата бегалци да добијат образование без разлика каде се наоѓаат. За време на последните 18 месеци, заедно со Центарот за управување со кризи и другите државни институции и организации, постигнавме многу, но уште треба да се направи за да се обезбедат подобри услови за бегалците коишто престојуваат во земјава – не само физички услови, туку и услуги кои ќе ја подобрат нивната психичка и емоционална состојба.“
Директорот на Центарот за управување со кризи, г. Агрон Буџаку, во своето обраќање подвлече: „Цртежите што ќе ги погледнете денеска ни ја раскажуваат нивната приказна, болна, тажна и трогателна, но и полна со лутина и неразбирање, обоена со поетскиот сензибилитет и уметничкото наследство на старата цивилизација, една од најстарите на Земјата. Би бил среќен доколку медиумите денеска присутни тука известат за овој настан: да им се спротивставиме на ксенофобијата и омразата кои доминираат деновиве во вестите и во јавното мислење со уметност, хуманизам и добрина. Тоа е најдобриот начин да им помогнеме на Шерго, Назли, нивното семејство и сограѓани, сите бегалци на светот, да бидат безбедни, да се чувствуваат добредојдени во Македонија, Европа, насекаде низ светот,“ рече на крајот г. Буџаку.
Изложбата ќе може да се посети до 25 јануари 2017 во Кинотеката во Карпош 3 (ул. Никола Русински бр. 1, Скопје). Изложбата ја организираат Претставништвото на УНХЦР Скопје и Центарот за управување со кризи, а куратор е академската сликарка Маја Стефановска.
Отворена изложба цртежи од сириски бегалци во Скопје - “Бегство за подобро утре“
- Детали
- Посети: 1721