Печати

Центарот за управување со кризи во изминатиот период презеде сеопфатни активности за формирање на Национална мрежа на лаборатории, кои ќе овозможат медицинска, техничко-технолошка и конструктивно-градежна форензика, форензика на животна средина и форензика на телекомуникациски и информатички мрежи.

Формирањето на националната мрежа на лаборатории е координирано од проф. д-р Валентин Мирчевски, вонреден професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Кон договорот за формирање на мрежата се приклучија институции во чии рамки постојат лаборатории со респектабилни експертски капацитети, и тоа: министерствата за внатрешни работи, за животна средина и просторно планирање, за финансии – Царинска управа, за економија и за одбрана, потоа Републичкиот завод за здравствена заштита, Македонската академија на науките и уметностите, Универзитетите “Св. Кирил и Методиј” – Скопје, „Св. Климент Охридски“ – Битола,„Гоце Делчев“ – Штип, Универзитетот на Југоисточна Европа, Државниот Универзитет во Тетово и Европскиот Универзитет.  Истовремено, кон договорот пристапија и повеќе приватни компании, како што се : АД Јака – Радовиш, Макстил, Алкалоид – Скопје, Реплек Фарм, Микросам, 11 Октомври – Еурокомпозит од Прилеп, Охис – Скопје и Веда од Скопје, кои исто така располагаат со свои лабораториски единици. Формирањето на Националната мрежа на лаборатории има за цел да обезбеди функционално обединување на капацитетите на лабораториите и овозможување на комплексни истражувања, координација на активностите во вршењето на експертизи и лабораториски испитувања од значење за превенција на цивилни ризици и опасности и рано предупредување, справување и надминување на последици од цивилни несреќи и катастрофи.

      Востановувањето на Националната мрежа на лаборатории, поткрепена со владината програма за финансиска поддршка на лаборатории, во смисла на набавка на нови и надоградување на постојната опрема, значи квалитативно издигнување на експертските капацитети на Република Македонија.

Посети: 1779